|
Прес конференцијата по повод денот на НАТО – април, славејќи ја 64 годишнината од Вашингтонскиот договор, беше организирана од Евро – Атлантскиот Совет на Македонија и Министерството за одбрана. Учесници на денешната прес конференција беа:

-
- • Н.Е. Талат Џафери, министер за одбрана на Република Македонија
- • Г-дин Исмет Рамадани, потпретседател на Евро – Атлантскиот Совет на Македонија
- • Пол. Александар Александров, шеф на НАТО канцеларијата во Република Македонија
- • Проф. д-р Борис Мургоски, декан на факултетот за безбедност
- • Доц. д-р Методи Хаџи Јанев, воена академија, Евро – Атлантски Совет на Македонија
Прес конференцијата беше модерирана од Илија Џугуманов.
Прв говорник на настанот беше министерот за одбрана, Талат Џафери. Тој го нагласи фактот дека во 64 години постоење, НАТО покажа дека може да ја штити безбедноста и стабилноста на своите членки, дека има капацитет да прими нови членки и со тоа да ја прошири зоната на демократија, безбедност и стабилност во Европа.

Понатаму, министерот ја објасни досегашната соработка со НАТО и како ќе продолжи. Приоритет на министерството ќе биде забрзувањето на евро – атлантските интеграции и достигнување на интероперабилност.
Г-дин Рамадани, од перспектива на Евро – Атлантскиот Совет на Македонија го објасни патот на интеграциите. Како дел од Собранието почнувајќи од 1993 година до денес како потпретседател на ЕАСМ мотивацијата е сеуште иста. Тоа доведе и да се биде дел од формирањето на Евро – Атлантскиот Совет на Македонија.

Полковникот Александров во неговиот говор отворено ја пофали работата на Евро – Атлантскиот Совет на Македонија и истакна дека во сите извештаи за НАТО активностите се вклучени. Исто така тој ја пофали волјата и интензитетот покажан од министерството за одбрана. Како важен настан, полковникот Александров ја поддржа социјалната мрежа – Атлантика!

Следен панелист беше проф. д-р Борис Мургоски, в.д. декан на факултетот за безбедност. Тој накратко објасни како факултетот за безбедност планира поактивно да се вклучи во евро – интеграциите. Исто така тој го пофали Евро – Атлантскиот Совет на Македонија и меморандумот за соработка што беше потпишан од двете институции.

На крајот, доц. д-р Методи Хаџи Јанев го истакна сработеното од страна на Евро – Атлантскиот Совет на Македонија во минатата година и најважно работата со младите на пост ИСАФ проектот кои вклучуваше регионално истражување, регионална конференција и финална публикација.

Како последен дел од настанот беше потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу Евро – Атлантскиот Совет на Македонија и Факултетот за безбедност – Скопје.


|