|
There are no translations available.
Кога Резолуцијата на СБ на ОН 1325 беше изгласана во 2000 година, никој не претпоставуваше дека бројот 1325 по една деценија ќе стане толку препознатлив во светот. Кога денес зборуваме за 1325 со невидлива леснотија дискутираме за општочовечките работи кои најисконски ја засегаат нашата цивилизација.
Денес 1325 е повик на слободата, еманципацијата, рамноправноста и правдата. Резолуцијата од една страна е признание за една милениумска неправда, но од друга страна таа е јасен сигнал за промени и самата симболично прифатена на самиот премин во новиот милениум. Милениум кој треба јасно да означи крај на многу прашања од претходните милениуми доколку човештвото сака навистина да продолжи по вистинскиот пат. А тоа е единствено патот на слободата и напредокот. Тие пак во иднина ќе бидат уште помалку можни без рамноправноста и правдата.
Цврсто сум убеден дека доколку светот низ својата бурна историја имаше порамномерна застапеност на двата пола на клучните места и во клучните процеси, човечката деструкција ќе беше многу помала. Како за минатото, тоа ќе биде уште поневозможно – во иднината. Во ерата на технолошката револуција и глобализацијата, разликите се се помали, а зависностите се поголеми.
Оттаму граѓаните на светот, мажите и жените, уште пообединето ќе ја градат нашата цивилизација и успехот ќе зависи од тоа колку ќе сфатат дека колку се поусогласени, толку и успехот ќе биде поголем и побрз. Рамномерно вклучување на жените во безбедносните предизвици на светот е неминовно доколку сакаме побрзо реализирање на општочовечките идеали за слобода и мир. И доколку сакаме исполнување на Општата декларација за човекот на ОН. Едноставно, целта за светскиот мир води преку тој пат. За тоа има бројни докази од високото ниво на демократија во државите водени од жените, до состојбата со десетиците диктатории ширум светот, каде нема ниту една жена на нивно чело.
Нашиот балкански регион, кој е и европски, последните децении живее на една раскрсница помеѓу традиционалните зони и вредности и интеграцијата во евро-атлантските структури и споделувањето на заедничките вредности со слободниот свет. За да излезе out-of-area нему му треба охрабрување, кое неминовно ќе следи со консензуалното прифаќање и спроведување на духот и вредностите од Резолуцијата 1325 на СБ на ОН.
Како атлантисти кои веруваат во тие вредности, Евро-Атлантскиот Совет на Македонија се реши да го спроведе овој проект и да остави печат во средината во која работи.
|