|
There are no translations available.
„Јавна промоција на НАТО моделот „Smart Defence“ Организирана од: Евро-Атлантскиот Совет на Македонија 21-ви ноември 2011, Дом на АРМ, Скопје
Почитуван Претседател на Евро-атланскиот Совет г-дин Еленовски, Почитувани екселенции амбасадори,
Почитувани пратеници,
Почитувани офицери,
Почитувани медиуми,
Драги пријатели,
Дозволете ми најпрво да се заблагодарам за поканата на ЕАСМ и можноста да говорам на многу актуелната тема во НАТО SMART DEFENCE. Евро-атланскиот совет на Македонија секогаш бил предводник во промоцијата и иницирањето на дебатата за вредностите на Алијансата, нејзиниот развој и трансформација, како и за подготовките на Република Македонија за членство во НАТО. Благодарам за напорите за организацијата на оваа значајна трибина, како и на амбасадорите на Кралството на Холандија, на Обединетото Кралство и на Република Франција за поддршката да се случи овој настан.
Исто така, ми претставува задоволство што на трибината учествуваат пратеници, офицери на АРМ, претставници од универзитетите, медиумите, студентите и подмладокот на ЕАСМ со кои може компетентно да се говори за разбирањето на новиот концепт на НАТО SMART DEFENCE, како и за неговото прифаќање и вклучување во одбранбената политика на Република Македонија.
Интеграцијата на Република Македонија во НАТО претставува врвен надворешно-политички приоритет на државата. За исполнување на таа цел во континуитет се вложуваат долготрајни напори во сите сфери: политички, економски, одбранбени, безбедносни. Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО и е целосно подготвена за преземање на одговорностите и обврските кои произлегуваат од членството во Алијансата. Ние во очекување на поканата за членство во НАТО продолжуваме со националните подготовки, што вклучува и следењето на развојот на новите концепти во Алијансата и нивната имплементација, како и нејзината трансформација. Во тој дух нас ни е потребна поширока дебата за иновативната идеја/концепт наречена SMART DEFENCE или “паметна одбрана” уште во нејзиниот развој како стратегиски водич на земјите на НАТО во справувањето со двата современи предизвици: како да се постигне поголема безбедност со лимитирани ресурси кои се одобрени/посветени за одбраната и како да се инвестира доволно за да се биде подготвен за иднина.
Лекциите од историјата не учат дека времето/периодите на економска криза се можност за појава на нови идеи/концепти кои ќе ни овозможат порационално однесување и подобри резултати. Во тој дух можеме да говориме за три цели на концептот SMART DEFENCE: развој на поголеми оперативни способности, посилна поврзаност (координација) помеѓу земјите членки и партнерите и силна обврзаност за придонес во евро-атланската безбедност и стабилност. По својата суштина нивното постигнување значи заедничко инвестирање во безбедноста за иднина.
Од перспектива на Република Македонија и Западен Балкан нужно е да побараме одговор на прашањето: Како новиот концепт може да се аплицира на регионално ниво и што можеме да направиме повеќе заедно во натамошниот развој на регионални оперативни способности и придонес во операциите предводени од НАТО?
Прво, развој на поголеми оперативни способности (capabilities) во услови на економска криза:
Барањата на меѓународните операции се најрелевантната анализа и проценка за потребите од соодветните/правите воени способности. За нас научените лекции од придонесот во ИСАФ и Слобода за Ирак во голема мера влијаеја на определбите какви распоредливи способности ќе развиваме на среден и долг рок. Поконкретно, во резервоарот на НАТО за распоредливи интероперативни способности деклариравме: една средна пешадиска баталјонска група, еден среден пешадиски баталјон, еден хеликоптерски деташман и неколку помали единици и тимови. Денес околу 30% од капацитетите на АРМ се интероперативни и распоредливи надвор од националната територија, а нашите амбиции се тие да се зголемат до 50% во наредните десет години.
Но, заедно со другите земји од А-5 (Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора) можеме и повеќе од тие амбиции. Почетоците се охрабрувачки. Оваа година во формат на А-5 + Словенија започнавме заедничко учество во Школата за воена полиција на Авганистан со инструктори на воена полиција. Тоа значи и заеднички подготовки и обука пред распоредување. Од 2003 до 2008 година Македонија, Албанија и Хрватска имаа успешно заедничко учество во ИСАФ со еден заеднички медицински тим.
Според нашите заеднички анализи за можностите во развојот на заеднички регионални капацитети за обука може да се направи значаен напредок. Веќе неколку години наназад тече процесот на формирање на регионални центри за обука. Македонија ги понуди Армискиот полигон Криволак, еден Центар за обука на медиумите и еден медицински центар за обука. Во сите тие центри инвестиравме значајни ресурси со поддршка и од Норвешка, Данска, Холандија, САД, Швајцарија и други земји. Со посилно вклучување на земјите од Регионот во овие центри може да значи намалување на нивните трошоци за развој на такви центри за обука дома. Исто така, Македонија е подготвена да учествува во развојот на специфични центри за обука во другите земји од Регионот како и нивно користење. Една добра приказна е регионалниот центар RACVIAC во Загреб, а друга Центарот за мировни операции во Сарајево.
Експертите на Македонија и НАТО заеднички работаат на Студија за патролирање на воздушниот простор (air policing). Едно од можните решенија е примена на моделот на балтичките земји.
Второ, посилна поврзаност помеѓу земјите членки и партнерите (connectivity):
Македонија, Албанија и Хрватска, како кандидати за членство во НАТО и како земји членки на А-3, постигнаа високо/значајно ниво на поврзаност и соработка во одбраната. Поаѓајќи од споделувањето на исти вредности и цели, ги споделувавме и националните предизвици во одбранбените реформи, заедничката обука стана редовна пракса, а натамошниот заеднички придонес во операции остварлив план. Истиот пристап е аплициран и во иницијативата А-5.
Исто така, поврзувањето на земјите од ЈИЕ преку регионалните механизами за соработка како што се СЕДМ и СЕЕБРИГ претставува придобивка/бенефит за целиот Регион.
Партнерите во ИСАФ континуирано даваат висок и многу вреден придонес. Соработката со партнерите треба да се проширува и продлабочува. Македонија ја поддржува политиката за проширување на мрежата на партнерствата на НАТО.
Трето, силна посветеност (strong commitment):
Придонесот во евро-атланската безбедност претставува инвестирање во нашата национална безбедност. Македонија својата приврзаност кон вредностите и интересите на Алијансата ја потврдува континуирано од нејзиното осамостојување. Нашиот значаен и долготраен придонес во ИСАФ, како и поддршката на КФОР е најпрактичната демонстрација на таа посветеност. Исто така, во оваа прилика имам обврска да ја нагласам практичната логистичка поддршка на Обединетото Кралство, САД, Германија, Турција, Грција, Хрватска за нашите контингенти во ИСАФ.
Друг аспект на нашата посветеност се одбранбените реформи чија цел е и развојот и оддржувањето на поголеми и поквалитетни интероперативни оперативни способности.
Почитувани пријатели,
Целите на иновативната идеја SMART DEFENCE: поголеми способности, посилна меѓусебна поврзаност и силна посветеност/обрзаност претставуваат рационална насока за евалуација (ре-евалуирање) на националните одбранбени политики и нивно прилагодување кон барањата на идните предизвици и операции. На претстојниот самит на НАТО во Чикаго 2012 треба да се очекува иновативната идеја на генсек Расмунсен да стане политика на Алијансата за натамошните инвестиции во современи воени способности и да се унапредат механизмите за нејзино имплементирање. Потоа улогата на SMART DEFENCE ќе биде да им овозможи на земјите членки на НАТО да работаат заедно подобро, поефективно и поефикасно.
Република Македонија како мала земја и идна земја членка на НАТО може да оддржува мал резервоар на специфични оперативни способности. Јас сум убеден дека новиот концепт на НАТО за SMART DEFENCE може успешно да се аплицира и на регионално ниво, односно А-5 земјите заедно можат да направат многу повеќе. Како министри за одбрана имаме обврска да создадеме политичка воља, доверба и ресурси тоа да биде возможно.
|