| Прослава по повод Денот на НАТО – 4 Април |
|
|
|
| Понеделник, 06 Април 2015 10:57 | ||||||
|
Прес конференцијата по повод “Денот на НАТО – 4 април“ е традиционална и континуирана активност на Евро – Атлантскиот Совет на Македонија во соработка со Министерството за одбрана на Република Македонија, НАТО контакт амбасадите во Република Македонија и НАТО канцеларијата на која редовно се брифира јавноста за напредокот на Република Македонија во НАТО интегративните процеси и го одбележува денот на НАТО – 4 април.
Алијансата 65 години придонесува за демократијата, слободата и мирот во светот и е вистински безбедносен промотор, а Македонија веќе дваесетина години активно учествува во таа улога. Ова е главната порака упатена на прес-конференцијата по повод 4 Април, Денот на НАТО, односно 65-годишнината од основањето на Северноатланската алијанса, организирана од Евро-Атланскиот Совет на Македонија и Министерството за одбрана како порака и потврда за македонската посветеност за евроатланските интеграции. Претседателот на Евро-Атланскиот Совет на Македонија, Исмет Рамадани порача дека 15 МАП процес е успешен, а реформскиот процес во Македонија продолжува константно се до целосно евроатланско интегрирање што, како што рече, е препознаено и од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Рамадани ја нагласи важноста од придржување до НАТО вредностите, како владеење на правото и слобода на медиумите, при решавање на актуелната криза. На самиот крај, г-дин Рамадани најавувајќи ги идните проекти на ЕАСМ истакна дека ЕАСМ ќе продолжи со активен придонес да работи кон промовирање на НАТО вредностите и полноправно членство на Македонија во Алијансата. - Како претенденти за членство во НАТО и ЕУ и стратешки партнери со САД со кој интензивно соработуваме во порцесот на евроатланските интеграции бараме и овој пат да ни подадат рака и со нивен ангажман и медијаторство да ни помогнат да се извлечеме од политичката криза, рече Рамадани и нагласи дека никој нема право на граѓаните на Македонија да им ја загрози перспективата за членство во НАТО и ЕУ. Заменик министерот за одбрана на Република Македонија, Арбен Лабеништа во својот говор ја сумираше досегашната активна заложба на Македонија како држава аспирант за членство во НАТО преку учество во меѓународните операции и напорите за реформирање на одбраната. Тој ја изрази неопходноста од вложување во одговорно и посветено лидерство, одржување на добрососедските односи и негување на демократијата и слободата за успешно интегрирање на Македонија во НАТО. Тој оцени дека Алијансата континуирано ја надоградува примарната задача за безбедност и слобода на своите челнки преку приемот на нови членки, но и преку мрежата на партнерства со останатите демократии ширум светот. - Приемот на повеќето земји од Балканот во НАТО придонесе да се зголеми безбедноста и демократијата во овој дел од Европа, но работата на ова поле не е завршена се додека сите земји од регионот, вклучително и Македонија не станат полноправни членки на Алијансата, рече Лабеништа. Тој потсети дека земјава повеќе од 20 години е аспирант за членство во НАТО и додаде дека се спроведени бројни реформи во одбраната и армијата, нагласувајќи дека со повеќе од 3.500 мировници Македонија учествува во мировните операции предводени од ОН, НАТО и ЕУ. - АРМ продолжува со динамичен процес на трансформација се до 2016 година. Со овој процес ќе се обезбедат поголеми оперативни способности, подобро насочен командно-контролен систем и дополнување со подготвен, обучен и активен резервен персонал. Преструктуирањето на АРМ треба да обезбеди оперативно подготвени сили и сили пополнети со квалитетен и добро обучен персонал според стандардите на НАТО, истакна Лабеништа. Шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија, капетан Румен Радев во неговиот говор се осврна на актуелните предизвици со кои се соочува Македонија и кои може да го попречат процесот на интеграција на земјата, како актуелната криза и проблемот со името. - Името е услов без кој не се може, бидејќи одлуките во НАТО се носат со консензус. Затоа треба да се зголемат напорите за негово решавање за да го добиете заслуженото членство во Алијансата, рече Радев. Тој истакна дека вратите на Канцеларијата на НАТО се секогаш отворени за членовите на Евроатланскиот совет и за сите добронамерни и додаде дека ќе направи се што е во негова можност за да им удоволи на барањата. Синан Ертај, заменик амбасадор на Република Турција во Македонија/ НАТО Контакт амбасада ја изрази силната подршка на Р.Турција кон Македонија кога се работи за нејзиното интегрирање во НАТО. Исто така ја подвлече важноста од соработка и одржување на политика на соживот меѓу различните етнички и религиозни групи во Македонија. Особено се задржа на неопходноста од соработка меѓу државите во соочувањето со модерните безбедносни закани и предизвици кои се од заеднички интерес. - Турција како земја докажан пријател ќе продолжи да ја поддржува Македонија во напорите за полноправно членство во НАТО. Со зачленувањето на вашата земја во Алијансата ќе биде побезбеден Балканот, рече Ертај. Извршниот директор на Бизнис клубот на Евро-Атланскиот Совет на Македонија, г-дин Трифун Костовски се осврна на бизнис можностите и придобивките кои би произлегле од членството на Македонија во НАТО. Тој исто така потенцираше дека членството во НАТО е клучно за економски напредок на Македонија, привлекување на странски инвестиции и отварање на нови можности за бизнис секторот. - Македонија и македонскиот народ заслужуваат полноправно членство во НАТО. Влегувањето во Алијансата ќе ја подобри бизнис климата и ќе придонесе за развој на бизнисот. Тоа може да се види од примерите на земјите од поранешниот социјалистички блок кои влегоа во НАТО, рече Костовски. Преку самиот настан Евро – Атлантскиот Совет на Македонија уште еднаш ја зголеми и направи видлива јавната дебата за бенефитот на Република Македонија од членството во НАТО. Настанот се одржа на 03.04.2015 (петок) во Дом на АРМ, Скопјe со почеток во 10:30 часот. На настанот присуствуваа повеќе од 90 учесници (високи претставници од министерството за одбрана и армијат на РМ, заменици амбасадори и воени аташеа, професори, партнерски организации на ЕАСМ, претставници на ЈАТА и студенти. Програма од настанот:
|






















