|
По повод 66-годишнината на НАТО, Евро-Атлантскиот Совет на Македонија (АТА Македонија) организираше еднодневен настан, насловен како: НАТО пред самитот во Варшава - предизвици и перспективи за земјите од Југоисточна Европа.

Настанот се одржа на 04-ти април, 2015 година (понеделник) во Домот на АРМ во Македонија, Скопје во 10:30 час. На настанот се собраа над 100 учесници меѓу кои високи претставници од МО и Македонската Армија, амбасадори и воени аташеа, професори, партнерски организации на АТА, членови на ЈАТА, студенти и млади професионалци. Повеќе од 20 претставници на медиумите учествуваа и известуваа за настанот.
Прес-конференцијата по повод Денот на НАТО - 4 април е настан кој традиционално се одбележува секоја година на 4ти април и служи како информативна активност за запознавање на јавноста за напредокот што Република Македонија го прави во нејзиниот пат кон полноправно НАТО членство. Овој настан е во организација на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија под покровителство на Министерството за одбрана на Република Македонија со поддршка на НАТО Одделот за Јавна Дипломатија.

Поканети говорници на настанот беа г-дин Исмет Рамадани, Претседател на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија, г-дин Зоран Јолевски, Министер за одбрана на Република Македонија, H.E. Американскиот амбасадор Џес Бејли, H.E. Полскиот амбасадор Јацек Мултановски, H.E. Турскиот амбасадор Омур Солендил и Капетан Румен Радев, Шефот на канцеларијата за врски на НАТО во Македонија.

Првиот говорник на настанот г-дин Исмет Рамадани, претседател на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија, ја истакна важноста за почитувањето на евроатлантските вредности како единствен начин Македонија да добие полноправно членство во НАТО. Тој се осврна накратко на актуелната политичка и бегалска криза, како и на современите безбедносни закани и повика на соработка и дијалог, како инструменти со кои може да се спротивставиме на овие предизвици. Тој исто така нагласи дека процесот на интеграција на Република Македонија во евро-атлантските структури несомнено ќе придонесе за постабилна безбедносна ситуација на Балканот. Во оваа смисла, во пресрет на Самитот во Варшава, тој ја истакна понатамошната посветеност на Евро-Атлантскиот Совет за поддршка на евро-атланските интеграции.

Министерот за одбрана на Република Македонија, г-дин Зоран Јолевски, ги истакна напорите што Р. Македонија ги прави за членство во НАТО како главен стратешки интерес на Република Македонија. Тој нагласи дека членството во НАТО се гледа како основен предуслов за зголемување на безбедноста и стабилноста во земјата и Регионот, што позитивно ќе влијае на бизнис климата, економскиот раст и благосостојбата на граѓаните. На крајот, тој истакна дека Македонија ќе остане посветена во спроведувањето на реформите, како неопходност за евро-атлантските интеграции.

Н.Е. Амбасадорот Џес Бејли ја истакна важноста на НАТО, како јадро на безбедноста. Тој истакна дека патот напред вклучува три сегменти на кои Македонија треба да се посветисо цел да оствари полноправно членство во НАТО. Според него, овие сегменти вклучуваат: решавање на спорот за името и постигнување концензус со Грција, модернизација на вооружените сили и воените капацитети и спроведување на потребните реформи.

Полскиот амбасадор Јацек Мултановски нагласи дека Полска секогаш е поборник за политиката на отворени врати и политиката на проширување на НАТО и дека Полска целосно ја поддржува Македонија во нејзините напори за добивање полноправно членство. Тој, исто така, ја истакна важноста на партнерствата со цел да се подобри безбедноста и одржливоста на земјите-членки.

Турскиот амбасадор Омур Солендил се осврна на заканите од тероризмот и бегалската криза и ги пофали напорите на НАТО за позитивниот придонес не само од безбедосен, туку и од хуманитарен аспект. И во пресрет на Самитот во Варшава, тој потврди дека Турција силно ја поддржува Македонија во процесот на интеграција за поголема стабилност во регионот.

Шефот на Канцеларијата на НАТО за врски во Македонија, капетан Румен Радев го цитираше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за мерките за баланс и адаптација што секоја земја аспирант за членство треба да ги спроведе. Поддрѓувајќи ја партнерската политика на НАТО, тој изјави дека врската на НАТО со партнерите треба да опфати три области: соработка, реформи и образование.


|