НАТО – испорачуваме безбедност во 21-от век Shtyp
E mërkurë, 18 Korrik 2012 10:23
There are no translations available.

Говор на генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, Четам Хаус, Лондон

Доктор Луис,
Дами и господа,

Андерс Фог РасмусенЧест ми е да бидам тука во Четам Хаус. Оваа величествена институција стана синоним за слободна и отворена дебата. Полна е со историја, а сепак фокусирана на иднината. Речиси девет декади говорници од целата земја доаѓале во Четам Хаус за да дискутираат за нивната визија за оформување на меѓународните работи. Затоа, не можам да замислам подобро место да ја искажам мојата визија за иднината на НАТО.


Деновиве не е лесно да се биде оптимист. Навистина, изгледа како да сме опкружени со професионални песимисти. Во весниците. На нашите телевизиски екрани. На блоговите. Гледаме шпекулации дека еврото може да се распадне, а со тоа и Европа. Стравови дека светот полека, но сигурно ја одминува Европа. И дека додека Европа гледа внатре, нашите соседи гледаат настрана, а Северна Америка бара пријатели и партнери на други места.

Гледаме метеж и несигурност на Блискиот Исток и во Северна Африка. Сведоци сме на појавата на нови сили – економски, политички и воени. И слушаме многу коментатори кои го предвидуваат падот на Западот онаков каков што го знаеме.

Несомнено, живееме во време на моментални промени, во свет којшто се повеќе е непредвидлив, сложен и поврзан. Но, јас не се согласувам со визијата за безнадежност и пропаст.

Европа и Северна Америка се’ уште имаат огромни ресурси, решенија и идеи. И кога работиме заедно нема поголема сила за позитивна промена.
Но, мора да одговориме на овие фундаментални прашања. Како може транс-атлантската заедница да ја одржи својата глобална моќ на привлечност и влијание? И како што светот се менува, како ние ја прифаќаме таа промена и помагаме во нејзиното обликување?

Мојата порака денес е дека НАТО ќе биде клучен дел од одговорот. Во ова време на несигурност, силното НАТО е извор на доверба. НАТО е основен придонесувач кон пошироката меѓународна безбедност и стабилност. Тоа значи дека може да се соочиме со денешните предизвици од позиција на сила.

Веќе шеесет години НАТО гарантира сигурност и стабилност кои му дозволија на континентот да процвета. Ние сме Алијанса од 28 демократии. Уникатен форум за трансатлантскиот дијалог – трансатлантско дејство. Може да лансираме и да одржуваме заеднички, сложени операции на начин на којшто никој друг не може. Можеме ефикасно да работиме со партнерите на начин на којшто никој друг не може. На скорешниот самит во Чикаго презедовме важни чекори да се осигуриме дека Алијансата може да се справи со предизвиците на безбедноста и покрај економските предизвици и да останеме подготвени за иднината.

Во време на глобални ризици и закани испорачувањето на безбедност мора да биде заеднички напор. Тоа значи дека НАТО мора да продолжи да ја зацврстува својата врска со другите земји и организации низ светот.

Нашите партнери се клучни за успехот на НАТО во последните две декади. Веќе постигнавме многу и имаме причина да бидеме горди. Војските низ светот се огледуваат на нашите стандарди и способноста на нашите сили да работат заедно. Она што е поважно, ние можеме да ги интегрираме придонесите на нашите нации во сложени мултинационални операции како ниту една друга организација.

Од Авганистан до Балканот и последната година во Либија, нашите партнери одиграа витална улога во оперативните резултати и политичката легитимност на нашите мисии. Тие го направија НАТО посилно и го одржаа светот побезбеден. Затоа, за НАТО е важно да инвестира во силните партнерства колку што е важно да инвестира во модерната војска и флексибилните сили.

Партнерството не е избор меѓу останувањето дома или излегувањето во светот. Тоа не е периферија на нашата работа – тоа е дел од главната работа на НАТО. Речиси во сите области нам ни требаат ефективни партнерства за да бидеме успешни. Да се справуваме со кризите. Да се одбраниме од новите безбедносни предизвици. И да промовираме стабилност.

Не можеме да се справиме со безбедносните предизвици само од европска перспектива. Она што е важно е да се биде вклучен каде што се работи за нашата безбедност. Тоа значи тука во Европа. Низ целата евроатлантска област. И низ целиот свет.

Дами и господа,

Она што е најважно, мора да ја завршиме нашата незавршена работа тука во Европа. Покрај проширувањето на Европската Унија, политиката за отворени врати на НАТО веќе го трансформираше овој континент фундаментално и засекогаш.

Низ Централна и Источна Европа членството во НАТО е моќен стимул за реформите. Земјите кои се стремат кон членството ги преструктурираа нивните вооружени сили и ги ставија под демократска контрола. Тие ја подобрија одговорноста и транспарентноста. И го засилија владеењето на правото.

Истовремено, изгледот на членството во НАТО дава доверба во инвеститорите. Тоа за возврат води до економско придвижување, развој и динамика. И не е случајност што тие земји кои се приклучија кон НАТО во последните тринаесет години се приклучија и кон ЕУ или се подготвуваат да го сторат тоа.

Пред 10 години, бев премиер на Данска во период кога мојата земја го имаше претседателството со Европската Унија. Таа година на самитите во Копенхаген и Прага поканивме нови земји-членки да се приклучат кон ЕУ и НАТО. Тоа беа храбри чекори кон Европа цела, слободна и мирна.

Но, тоа патување се’ уште не е завршено. И ние и нашите партнери се’ уште имаме работа. На овој пат, нема заобиколени патчиња. И вратите на НАТО не се отвораат автоматски само затоа што стоите пред нив.

Членството во нашата Алијанса бара голема работа и политичка посветеност. Бара солидно спроведување на реформи и одговорности. И треба нови решенија за решавање на старите спорови. Нашата посветеност да ја чуваме вратата отворена треба да одговара на посветеноста на партнерите да го прават она што им треба за да минат низ таа врата кога ќе дојде времето. Бидејќи придонесува кон безбедноста на северно-атлантската област. И ги отвора можностите за подобра иднина на сите нас.

Поотворената и постабилна Европа веќе донесе многу корист на пошироката евроатлантска област. Вклучувајќи ја тука и Русија. Знам дека тоа не го гледаат така во Москва. Но, факт е дека трговијата на Русија со новите членки на НАТО се зголеми. И нашата политика на отворени врати всушност и помогна на Русија со стратегиските услови кои секогаш ги посакуваше. Стабилност на нејзините западни граници.

Сепак, се’ уште постојат погрешни разбирања во Русија за политиката на отворени врати на НАТО. Како и многу други митови за Алијансата. Мора да го надминеме ова. Да и’ помогнеме на Русија да разбере дека може да ја изгради безбедноста со нас, не против нас.

Безбедноста на НАТО и безбедноста на Русија се преплетени. Токму затоа нашата стратегиска цел е да поттикнеме вистинско стратегиско партнерство. Партнерство засновано на меѓусебна доверба, транспарентност и предвидливост. Онаму каде што работиме заедно конструктивно на многу полиња, каде што имаме заеднички интерес, како Авганистан. И каде што можеме да ги решиме итните прашања коишто се’ уште не’ делат.

Алијансата не е закана за Русија. И не веруваме дека Русија е закана за нас. Затоа, еднаш засекогаш, да престанеме да се гледаме едни со други низ призмата на минатото. Наместо тоа, да ги погледнеме можностите за заедничка работа во иднината.

Голема можност за таквата соработка е ракетната одбрана. Има потенцијал да биде вистинска промена на играта – на подобро. Мора да ги удвоиме нашите напори за да ја направиме таа промена, затоа што заканата од распространувањето на оружје е сериозна и се зголемува и не знае за граници.

Дами и господа,

Како што веќе потенцирав, партнерствата на НАТО започнуваат дома, во трансатлантската област и во нашето блиско соседство. Но, тие не може да запрат тука. Нашата економија е глобализирана. Нашата безбедност е глобализирана. И ако сакаме ефикасно да го заштитиме нашето население, нашиот пристап кон безбедноста мора исто така да биде глобализиран.

Токму затоа кооперативната безбедност е фундаментална за начинот на којшто работи Алијансата. Тоа значи дека НАТО мора да биде способно и да сака да се обедини политички и воено со другите нации, каде и да се, и со другите организации, како што се Обединетите Нации и Европската Унија.

Само пред неколку недели ја посетив Австралија каде премиерката Џулија Гилард и јас потпишавме заедничка политичка декларација. И ова е важно: затоа што иако живеат на различни страни од светот, НАТО и Австралија се на истата страна кога се работи за безбедноста. Делиме заеднички вредности. Ја делиме истата одлучност да развиваме заеднички пристапи кон предизвиците. И нашата заедничка декларација покажува како ќе го направиме ова. Декларацијата е прва од ваков вид. Но, убеден сум дека нема да биде последна. Затоа што многу други нации исто така имаат блиска соработка со НАТО за да ги решат заедничките предизвици.

Во Авганистан, на пример, Австралија е дел на коалицијата од 50 нации водена од НАТО, најголемата во изминатава историја. Нашите партнери доаѓаат од сите пет континенти. Затоа што сите сакаме да се осигуриме дека Авганистан нема повторно да се претвори во рај за терористите кои се закануваат на нашите нации.

Нашата борбена мисија ќе биде завршена до крајот на 2014 год. Но, знаеме дека потоа нема да отидеме на одмор од историјата. Ќе останеме вклучени во обуката на авганистанските безбедносни сили. И ќе продолжиме да се соочуваме со многу други сложени безбедносни предизвици. Затоа, мора да го надградуваме практичното искуство од работата со нашите партнери со цел да оствариме уште поблиска соработка во иднина.
Нека нема сомнеж. Ова не е за да се заменат нашите постоечки партнерства. Не е за проширување на нашите стапки во другите делови од светот. Ниту пак е за прифаќањето на глобалните одговорности од страна на НАТО.

Се работи за НАТО кое добива глобална перспектива. НАТО кое ја игра својата глобална улога и ја засилува својата способност да свири на концерт заедно со нашите партнери од целиот свет.

Денес, имаме редовни консултации со сите наши партнери за безбедносните прашања од заеднички интерес. Би сакал да видам дека ваквите консултации стануваат почести, фокусирани и водени од материја. Верувам дека има значаен опсег за развивање на групи од желни и способни сојузници и партнери подготвени да соработуваат во одредени области.

Овие групи, според мене, се доволно флексибилни за да се примат други групи на партнери, а сепак се доволно фокусирани да испорачаат конкретни резултати. И мислам на области како што се обука и образование, нови безбедносни предизвици и паметна одбрана.

Денес, многу партнер земји ги користат можностите што НАТО им ги нуди за да учествуваат во нашето воено образование, обука и вежби. Но, ова е на ад-хок основа. Многу би сакал да видам поструктуриран пристап. И најширокиот можен спектар на нации вклучени во такви активности.

Еден пример е соработката меѓу специјалните сили. Ова нуди значителен потенцијал да се научи повеќе и да се направи повеќе, и за НАТО и за партнерите. Мора да ги надградуваме лекциите што ги научивме заедно во акцијата против Авганистан за да можеме да ја зголемиме способноста да дејствуваме заедно во иднина.

Справувањето со новите безбедносни предизвици е уште една област каде што може да направиме повеќе заедно. Прашањата како поморската безбедност, енергетската безбедност и сајбер безбедноста се сложени. И за успешно да се соочиме со нив потребен е висок степен на консултации, координација и соработка. Земајќи ја поморската безбедност како пример, верувам дека ќе има голема корист ако поморските сили на сојузниците и партнерите работат заедно во специфични области, како што е справувањето со пиратите.

Третата област за групна соработка е паметната одбрана. Таму има опсег не само за НАТО и партнер-земјите, туку и за НАТО и Европската Унија да соработуваат за проектите за мултинационална способност. И едните и другите може да научиме нешто од нашите иницијативи. А овој „кластер“ пристап ќе помогне да ги фокусираме нашите напори и да добиеме што е можно повеќе од нашите ресурси.

Како и ширењето на опсегот на темите за кои соработуваме мора да го прошириме и спектарот на нациите со кои соработуваме. Земете ја Кина, на пример. Таа е постојана членка на Безбедносниот Совет на ОН. Игра особено важна глобална улога. И како организација којашто се движи според ОН Повелбата на принципи, НАТО треба подобро да ја разбере Кина и да ги дефинира областите каде може да работиме заедно за да гарантираме мир и стабилност. Затоа верувам дека треба да имаме поактивен дијалог со Кина.  

Има и други важни земји, се разбира, како Индија со која треба да го зголемиме нашиот дијалог и да бараме можности за соработка.
За да го направиме сето ова ни треба алијанса што е свесна на глобално ниво. Глобално поврзана. И глобално способна. Тоа е мојата визија за НАТО.

Дами и господа,

Партнерствата на НАТО играат клучна улога во справувањето со проблемите со безбедноста на денешницата и утрешнината – без разлика дали се локални, регионални или глобални. Опсегот на нашите партнерства го рефлектира светот во кој живееме. И предизвиците со кои се соочуваме.

Но, има едно партнерство што се истакнува над сите други. Поради неговата важност. И уникатност. И вредноста што ја има за сите сојузници. Трансатлантското партнерство.

Трансатлантската врска лежи во самото срце на НАТО. Го претставува нашето заедничко верување во слобода, демократија и владеење на правото. И нуди заедничко водство меѓу Северна Америка и Европа.

Некои луѓе го гледаат ротирањето на САД околу Азиско-пацифичкиот регион како крај на ова уникатно партнерство. Но, тие грешат. Безбедноста на Америка и Европа е неразделива. Ние сме посилни и побезбедни кога работиме заедно. и токму затоа НАТО останува незаменлива и нужна Алијанса.
Ние можеме – и мораме – да ги засилиме нашите партнерства токму преку оваа суштинска трансатлантска врска. Во Европа. Со Русија. И низ целиот свет. Бидејќи во дваесет и првиот век ние сме сите поврзани, без разлика дали сакаме или не. Нашата позитивна врска и непрекината вклученост со партнерите се лекот за песимизмот. Причина за оптимизам. И клуч за безбедноста којашто сите ја бараме.

Ви благодарам.

Превод од англиски: Стефанија Маџоска