| Говор - Н.Е. Амбасадор Кристофер Ивон |
|
| E shtunë, 05 Nandor 2011 00:00 |
|
There are no translations available.
Почитуван претседател на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија, г-н Еленовски, Почитувани екселенции, почитувани гости, Добро утро на сите. Ве молам дозволете ми да зборувам на англиски, мислам деќа ќе биде полесно за мене. Благодарам.
Добро утро на сите, Прво би сакал да Ви се заблагодарам што ми ја дадовте привилегијата да можам да зборувам за британската перспектива на „Smart Defence“. Прво, сакам да му честитам на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија за оваа почетна иницијатива и за првата јавна дебата за „ Smart Defence“. Сметам дека е добредојдена и дека го потенцира интересот на Македонија за НАТО, за новиот стратешки концепт и за развојот во НАТО, со цел еден ден Македонија да стане членка на НАТО, што Обединетото Кралство многу сака да се случи, и да биде целосно подготвена и добро да ја разбира насоката на движење и подобро и подлабоко да го разбере НАТО. Можеби ќе повторам неколку забелешки кои ги слушнавме во претходните обраќања за паметната одбрана. Ќе се обидам да бидам краток и да ги насочам кон она што јас мислам дека значи паметната одбрана и од каде мислам дека истата доаѓа. Потоа, ќе се обидам да ја поврзам со искуството на Обединетото Кралство со паметната одбрана затоа што ни е драго што ги презедовме првите чекори кон операционализирањето на паметната одбрана. Во воведот слушнавте дека јас порано бев шеф на тимот за санкции во канцеларијата за надворешни работи и Комонвелтот. Таму постои поим кој се користи за санкциите наречени „паметни санкции“. Паметни во контекст на тоа дека санкциите имаат ласерски фокус кон целите. Општо гледано, како што рече холандската амбасадорка, тоа значи да се биде попаметен со санкциите кои се применуваат. Денес, има многу луѓе, вклучувајќи ги и тие кои седат во првиот ред, кои знаат повеќе и подетално од мене за паметнтие ракети и паметните бомби. И сигурен сум дека „паметно“ има своја дефиниција и во тој одреден аспект. Паметно, како концепт од паметната одбрана, јас би рекол дека има поразлично и пошироко значење. Како што и Генералниот Секретар Расмусен рече на конференцијата во Минхен минатата година, се работи за поголема безбедност добиена за помалку пари. Како што слушнавме, не се работи за наметнување. Се работи за тоа да се дозволи на земјите членки да бидат флексибилни и да се приспособат. Но, поставува неколку клучни точки за паметната одбрана вклучувајќи и поголемо здружување и поделба на капацитетите, подобро поставување на приоритети за тоа како овие ресурси се трошат, како и доаѓање до поголема координација и кохерентност. Последната точка – поголемата кохерентност, е многу важна затоа што кога една НАТО-членка одлучува на сред финансиската криза да го крати буџетот во одредена област, брзо може да видите како и другите земји членки може да ја изберат истата област за кратење на буџетот. Потоа, меѓу членството на НАТО општо се губат основните способности во одредени области. Затоа, кохерентноста е суштински елемент. Реков дека ќе зборувам малку и за аспектот и искуствата на Обединетото Кралство. Имавме тежок пат, како и многу други земји во Европа во текот на финансиската криза. Во Обединетото Кралство тоа значеше големи кратења во одредени министерства во Владата. Тоа влијаеше и врз нашето Министерство за одбрана кое мораше да се соочи со кратења на јавните пари за 7 до 8% во наредните четири години. Како резултат на кратењата, околу 25.000 државни службеници во Министерството за одбрана ги губат своите работни места. Тоа е голем предизвик за секој владин оддел, не само за Министерството за одбрана, туку и за сите владини министерства. Но, јасно е дека аспектот на Обединетото кралство не е да балансира со безбедноста на кој било начин со таквите кратења. Како резултат на тоа, Обединетото Кралство се уште ќе ги задржи своите 2% од БДП за нашата обврска кон НАТО. Ние сме една од малку земји кои постојано го задржуваат тој праг. И ние ќе продолжиме да бидеме четвртиот најголем потрошувач во воени цели во светот. Иако финансиската позадина изгледа матно, со интелигентен пристап се уште може да ги постигнеме нашите цели за трошење, но на малку поинаков начин. Тоа бара поставување на приоритети, бара поголема приспособливост и бара од нас да работиме поинтелегентно со нашите сојузници. Сите овие елементи звучат многу познато затоа што се дел од „паметната одбрана“. Би кажал една работа – нема единствен начин кој ќе им одговара на сите. Не можете само да ги примените овие три принципи на паметната одбрана: здружување и поделба, поставување приоритети и кохерентност во секоја област на трошењето за одбраната и за војската. Така, гледиштето на Обединетото Кралство е има основен поглед, случај по случај, во областа кадешто поголемата кохерентност може да се постигне со поголема ефикасност. Тоа значи филтрирање и поставување приоритети. Има една област што беше спомената претходно во која го направивме ова пооперативно пред извесно време. Тоа е случајот со Франција. Тоа веројатно им беше изненадување на многу луѓе во Велика Британија и ги помнам насловите во весниците во тој период. Две големи нации за кои најголем дел од учениците знаат од нивната историја дека во одредени периоди од историјата се бореле едни против други, сега гледаат кон стратешко одбранбено партнерство. Тоа изненади многу луѓе, а сепак покажува амбициозни нивоа на паметна одбрана. Испорачувањето на повеќе безбедност за помалку пари е задолжителен аргумент за таквиот пристап. Британско-Француската беше прогласена пред точно една година, на 2-ри ноември 2010 на заеднички билатерален Самит. На тој Самит беа потпишани два договори. Еден беше за соработка во одбраната и безбедноста и еден беше за здружена радиографска хидродинамика. Вториот договор, кој Вам можеби Ви е помалку познат, се однесува на технологијата потребна за одредување на управувањето и грижата за нуклеарните резерви. Тоа вклучува центар во Обединетото Кралство во кој се добива искуство и експертиза, но најголем дел од работата ќе биде завршена во институција во Франција. Тука имаше и потпишување на писмо за намера во кое беше договорен одреден број на нови области за паметна одбрана меѓу Обединетото Кралство и Франција, вклучувајќи ја и одбраната и безбедноста со комбинирани и здружени експедициски сили. Концептот на таквата сила се пренесува во билатерални иницијативи за обука, билатерални операции и гледањето кон начините на кои Обединетото Кралство и Франција работеа заедно во Либија во изминатава година и се разбира, се поголемата интероперабилност на двете сили кои всушност можат да постигнат поголема кохерентност и ефикасност на тлото. Уште една област е во поглед на опремата и способностите кои вклучуваат области како што се поморските контра-мерки и системи и во поглед на тоа како оперираме со возилата за набљудување без екипаж. На крај, сметам дека она што најмногу ги погоди насловите во Обединетото Кралство беше за носачите на авиони. Во моментот, носачите на авиони со кои оперира Обединетото Кралство, не може да примат американски или француски летала. Новиот предлог на Британско-францускиот самит беше Обединетото Кралство да создаде два нови носачи на авиони кои ќе имаат катапулт и задржен механизам, така што за првпат, француските и американските авиони ќе имаат можност да слетаа на носачите на авиони. Ова се само неколку од областите каде Обединетото Кралство се обиде да го крене концептот за паметна одбрана на оперативно ниво со нашите сојузници на начин кој ќе ни помогне да ги постигнеме безбедносните потреби, но и начин на којшто ќе може тоа да го правиме ефикасно и ефективно. Сметам дека тоа ниво на амбиција е нешто што ние би сакале сите земји-членки на НАТО и аспиранти, да го испробаат. Особено затоа што тоа беше позитивно искуство за Обединетото Кралство. Претходно, го слушав министерот додека зборуваше за центарот за обука Криволак и знам неколку земји кои имаа корист од тоа. Исто така, центарот за медицинска обука и центарот за медиумска обука – сите ја потенцираат заедничката употреба на способностите кои ги поседува Македонија. Затоа, мислам дека предизвикот сега е да се најдат поамбициозни начини да се надградуваме врз таквите одлични примери и на Македонија и посакувам успех во таквите обиди. Ви благодарам. превод од англиски: Стефанија Маџоска |