|
Обединети околу основната определба за натамошен развој на евро-атлантските интеграциски процеси;
Посветени на значењето на традицијата и историјата на Република Македонија, која е држава на македонскиот народ, како и на Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и другите националности кои живеат во Република Македонија;
Поаѓајќи од Одлуката на Собранието на Република Македонија од 23 декември 1993 година за стапување на Република Македонија во Северно-атлантската договорна организација – НАТО;
Потсетувајќи дека Република Македонија, како земја партнер од 1995 година и земја кандидат за членство во НАТО од 1999 година, се докажа како достоен сојузник на Алијансата, подготвена да работи на промовирање на заедничките демократски вредности, стабилноста и добросостојбата во евро-атлантската област;
Апелирајќи за почитувањето на меѓународното право, и универзалните вредности на правдата и слободата, и промоцијата на мирот и демократијата во светски рамки секаде каде што е потребно;
Обединети околу основната цел за развивање на добрососедските и меѓудржавните односи во функција на афирмација на идеите на кои почива меѓународниот поредок воспоставен со формирањето на Организацијата на Обединетите Нации;
Согласни во залагањата за натамошен развој на начелото на соработка, како темелна вредност на евро-атлантската интеграција;
Истакнувајќи дека членството во НАТО е од суштинско значење за зголемување на безбедноста и стабилноста на Република Македонија, и свесни дека членството во НАТО ќе влијае позитивно и врз деловната клима и економскиот раст и развој со што ќе се подобри и животниот стандард на граѓаните на Република Македонија;
Изразувајќи го нашиот респект за околу 3000 мажи и жени од Армијата на Република Македонија кои од 2002 година до денес служеле рамо до рамо со војниците на земјите членки на Алијансата во меѓународните операции;
Цврсто верувајќи дека преку развивање и натамошно афирмирање на широкиот државен консензус може да се интензивираат евро-атлантските интеграциски процеси;
Афирмирајќи ја стратешката и консензуалната определба на сите политички субјекти и на граѓаните на Република Македонија и повторно потврдувајќи ја преку консензусот на претставниците на сите политички партии застапени во Собранието на Република Македонија за интензивирање на евроатлантските интегративни процеси,
Врз основа на член 68 став 2 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на ____ април 2012 година, донесе
ДЕКЛАРАЦИЈА
ЗА РЕАФИРМИРАЊЕ НА ОПРЕДЕЛБАТА ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА СТРАТЕШКАТА ЦЕЛ ЗА ЧЛЕНСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВО НАТО
1. Главен стратешки интерес на Република Македонија е зачленувањето во Северно-атланската договорна алијанса (НАТО), за чија реализација постои најширок општествен консензус и поддршка од граѓаните;
2. Интеграцијата на Република Македонија во НАТО е главната политичка определба, интенција, цел и заслуга на сите политички партии, општествени чинители и граѓани, кои со своето делување влијаат врз динамиката и квалитетот на реализацијата на овој процес, и споделуваат обврска за придонес;
3. Повикуваме на почитување на принципите на отворени врати на НАТО врз кои се темели Алијансата, реафирмирајќи дека ги имаме исполнето сите критериуми и услови за членство во Алијансата, и остануваме посветени на континуираните реформи и поддршка на мировните операции за обезбедување на светскиот мир и демократијата секаде каде што се потребни под покровителство на НАТО;
4. Апелираме на почитување на легитимитетот и легалитетот на Организацијата на обединетите нации и телата кои се формирани од светската организација, почитување на меѓународното право и неговите норми, и ја уважуваме пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг и препораките од таа пресуда, а во функција на објективно отсликување на состојбите кои имаат влијание на евро-атлантската интеграција на Република Македонија и во функција на постигнување на напредок на овој пат и соработка со нашите соседи;
5. Акцентираме дека одржувањето на добрососедски односи се од витално значење и суштинска важност за обезбедување развој на регионот, и овој стратешки приоритет го има полното наше внимание, и наша заложба е постојано унапредување на меѓусебната соработка со соседите во функција и во интерес на граѓаните. Со ова реафирмираме дека сме посветени и сериозно заинтересирани за изнаоѓање решение за спорот со името под покровителство на ООН, решение кое нема да биде на штета на никого;
6. Укажуваме на значењето Регионот да биде во фокусот на проширувањето на НАТО и бараме поддршка од земјите членки на претстојниот самит во Чикаго за покана за Република Македонија за членство во НАТО, како и за започнување на пристапни преговори со Европската Унија;
7. Убедени сме дека поканата за членство во НАТО на Република Македонија, и почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, ќе бидат силно охрабрување за двете страни за решавање на прашањето за разликите околу уставното име на државата;
8. Имајќи ја пред вид суштествената важност на процесот на евроатлантските интеграции, констатираме дека е особено важно сите политички партии со своето однесување и неупотребувањето на оваа стратешка цел во контекст на дневно политичките потреби, да го афирмираат духот на заедништвото и конструктивноста, во насока на што поскоро остварување на целта за полноправно членство на РМ во НАТО;
9. Повикувајќи се на улогата на Република Македонија во Антифашистичката коалиција, водејќи се од принципите на Атлантската повелба за самоопределување, признавајќи ја борбата на генерации граѓани за организирање на Република Македонија како евроатлантска, модерна и демократска држава, констатирајќи го напредокот што го има постигнато државата и длабоко свесни за цивилизациската вредност на процесот на обединување на евро-атлантскиот простор, се обврзуваме натамошно да ги јакнеме вредностите од и за што поскоро интегрирање на РМ во НАТО.
10. Оваа Декларација ќе се достави до сите релевантни меѓународни организации и институции.
11. Оваа Декларација ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА |