| Предизвик да се чуе гласот на НАТО |
|
| Вторник, 15 Мај 2012 10:28 |
|
Прашање: Колку видеа мислите дека се гледаат секојдневно на Youtube? Неколку милиони? Неколку стотици милиони? Точниот одговор е 2 милијарди – и тој секојдневно расте. Во 2007 година Твитер имаше 5.000 „твитови“ дневно. Денес Твитер брои повеќе од 300 милиони регистрирани корисници. Во 2012 најпопуларната социјална мрежа Фејсбук брои повеќе од 800 милиони активни корисници. Тоа е најпосетената веб страна на светот, достапна на 70 јазици која троши повеќе од 700 милијарди минути за еден месец. Брзото темпо не е толку видливо на ниедно друго место колку што се гледа во масовната комуникација. Благодарение на дигиталните фото-апарати и мобилни телефони, фотографиите и видеата се шират низ целата планета само за неколку секунди со што милиони луѓе стануваат даватели на информации. Во последните години социјалните медиуми го покажаа нивното мобилизирачко влијание врз илјадници, ако не и милиони луѓе. Ова, за возврат, го промени начинот на којшто луѓето комуницираат едни со други, начинот на којшто се создаваат вести и начинот на којшто се распространуваат мислења и информации. Во меѓувреме, бројни примери покажуваат дека дигиталниот свет може да има свој збор и во меѓународната и домашна политика. Без растечкиот број на руските блогери и нивните илјадници следбеници, претседателот Медведев и премиерот Путин веројатно немаше да се согласат на средба со нив на којашто се дискутираше состојбата со демократијата во Русија. Но, и двајцата го направија тоа. Неколку пати. Арапската пролет е уште еден таков случај. Уште од самиот почеток Фејсбук, Твитер и Јутјуб играа клучна улога во организирањето на јавните демонстрации и одржување на вестите и тоа се’ уште се одвива, од Египет, преку Јемен до Сирија. Луѓето ги користат нивните пренослив компјутери и паметни телефони за да се информираат, да се поврзуваат со истомисленици, да ја подигаат свеста за локалните и глобални настани, да дискутираат за политички прашања, да организираат јавни протести за и против националните влади и секаде кадешто е потребно, да ја заобиколат националната цензура. Младите активисти, академици, невладини организации, новинари и креатори на политики на поширокиот Близок Исток особено ја искористија предноста која им ја нуди Фејсбук и другите социјални мрежи. Арапскиот извештај за социјални медиуми од Владиниот факултет во Дубаи импресивно го открива растечкото влијание кое го имаат социјалните мрежи врз граѓанската мобилизација во арапскиот свет. Нема сомнеж: и покрај напорите да се забрани или да се пресретне интернет сообраќајот во одредени земји, социјалната мрежа е насекаде во пораст. Не е за изненадување што јавните институции и влади потешко се приспособуваат на растечката сила на web 2.0 заедниците. Иако многу од нив користат онлајн алатки за да ги промовираат нивните пораки, владините комуникациски канали се рангираат меѓу оние на кои најмалку им се верува. Нив се’ уште ги сметаат како страни кои нудат само „пропаганда“, кои се дизајнирани за да ја поддржат политичката порака на одредена влада или организација. Освен тоа, многу официјални онлајн канали првично се дизајнирани за маркетинг и им недостигаат можности за јавноста да може да комуницира директно со политичкото водство. Бидејќи интернет корисникот е оној што на крај одлучува каде ќе бара информации, не е за изненадување фактот што официјалните онлајн канали се соочуваат со потешкотии во обидот да станат веродостоен глас во дигиталното глобално село. Каде се вклопува НАТО во ова? Колку напредна во вклучувањето на луѓето, онлајн и офлајн? Истражувањето „Transatlantic Trends“ спроведено од германскиот Маршал Фонд во 2011 ни дава неколку насоки за јавната перцепција за Алијансата. Истражувањето покажа дека мнозинството (62%) од 11 европски земји и САД (62%) се’ уште веруваат дека НАТО е од суштинска важност за нивната безбедност. Исклучок е Турција каде само 37% веруваат дека НАТО има суштинско значење. Но, НАТО сојузниците се советуваат да не ја земаат јавната поддршка за НАТО здраво за готово. Операцијата предводена од НАТО (ИСАФ) во Авганистан останува критичен политички и комуникациски предизвик. Повеќе од половина од западно-Европјеците (најмногу Полска со 73%, најмалку Турција со 43%) сакаат нивните трупи да бидат повлечени или нивната бројка намалена во Авганистан. Поддршката за операцијата на НАТО во Авганистан е намалена и во САД, кадешто 66% од луѓето сакаат нивните трупи да се вратат дома или бројот на луѓе во Авганистан значително да се намали. Убедувањето на националните законодавци и нивните изборни тела дека стратегијата за постепено предавање на одговорноста за безбедноста на авганистанските власти е успешна и функционира според планот веќе претставува критичен комуникациски предизвик. Но, истовремено, Алијансата треба да се соочи со уште еден основен предизвик. Грубо кажано, НАТО треба подобро да објасни за што постои денес и како ќе ги исполнува своите мисии: заштита на населението и териториите на земјите-членки и подобрувањето на националната безбедност преку соработка и партнерства со другите. Ова не е лесна задача. Националните и меѓународни истражувања јасно покажуваат дека јавноста, особено генерацијата по Студената војна има само нејасни идеи за постоењето на НАТО, мисиите и политиките. Иако се’ уште постои значителен степен на доверба во организацијата како таква, многу луѓе ниту го поврзуваат НАТО со заканите за глобалната безбедност, како што е сајбер одбраната, енергетската безбедност или пиратството, ниту пак можат да најдат врска помеѓу Алијансата и нивните секојдневни индивидуални, безбедносни грижи. Вториот аспект може лесно да се разбере. Соочени со последиците од моменталната економска и финансиска криза, јавноста, креаторите на закони и владите може да се каже дека се „на некоја друга фреквенција“. За поголем дел од нив, сосема оправдано, НАТО не е нивната прва грижа. Сепак, останува тажниот факт дека нашиот поврзан и глобализиран свет сега стана уште поранлив, по завршувањето на Студената војна. Тероризмот, пролиферацијата на оружје за масовно уништување, регионалните конфликти и закани за нашата енергетска безбедност, информатичка инфраструктура и комерцијален поморски превоз се само дел од неколкуте безбедносни притисоци кои бараат итна реакција. Повеќе од кога било, владите и другите играчи на меѓународната арена треба да работат заедно за да одговорат на овие предизвици, да најдат поддршка за решенијата и промена. Алијансата останува важна организација токму за да го направи тоа: место, кадешто земјите-членки дискутираат со партнер-земјите, со други меѓународни организации и невладини организации за ефикасно да се заштитат од глбоалните и регионални закани за нашата безбедност, но и тоа, како да се даде значаен политички, и ако е потребно, воен придонес кон подобрувањето на меѓународната безбедност. Како сето ова се пренесува во јавните дипломатски напори на НАТО? Сигурно е дека сојузниците постигнаа многу во прифаќањето на новото и модерно разбирање на нивните заеднички комуникациски политики. Транспарентноста, реакцијата, точноста на информациите и директната комуникација со луѓето низ територијата на Алијансата, но и надвор од неа, станаа главни столбови на јавната дипломатија на НАТО. Повеќе од кога било, новинарите, тинк-тенк организациите, креаторите на политики и невладините организации може да се видат низ ходниците на Генералниот штаб на НАТО или пак на средби со НАТО цивилни и воени експерти на јавни настани. Алијансата стана подостапна и за обичните граѓани. Секоја година илјадници посетители доаѓаат во Генералниот штаб за да дискутираат за транс-атлантската безбедносна агенда со националните и НАТО службеници, па дури и со Генералниот секретар на НАТО. НАТО не ги избегнува критичките прашања. Во последните годни особено ги зацврстивме нашите напори да допреме до помладата генерација преку олеснување на мрежите меѓу студентите и младите политички лидери нудејќи летни школи и стипендии и преку организирање на семинари и работилници во НАТО и партнер земјите. Ги анализиравме и зацврстивме нашите технолошки капацитети, а веб страната на НАТО и другите аудио-визуелни алатки и производи сега ги исполнуваат сите потребни стандарди. Со цел да ги ставиме НАТО дигиталните програми со соодведна рамка елабориравме Дигитална стратегија заедно со Насоки за социјални медиуми кои ја наведуваат официјалната и лична употреба на социјалните веб активности за сите вработени во НАТО. Онлајн предавањата, видеата и дискусиите го направија изгледот на НАТО потранспарантен за надворешниот свет. Нема табуа: темите се движат од Новиот стратешки концепт, односите со Русија, па се’ до предизвикувачката операција во Авганистан. Генералниот секретар на НАТО Расмусен и неговите дигитални активности се поврзани со оние на НАТО како организација. Фејсбук, Твитер и Јутјуб каналите се „полнат“ со изјави за печат, вести и интересни видеа секој ден. Важните официјални состаноци на НАТО и јавните настани сега се пренесуваат на социјалните мрежи. Денес, никој не може да тврди дека НАТО се крие зад дипломатски ѕид. Она што го правиме, она што го мислиме и со кого соработуваме – се’ може да се види. Оналјн. Достапно за секој кој сака да не’ следи.Но, започнавме да правиме повеќе. Продолжуваме да ги поддржуваме онлајн заедниците како што се www.atlantic-community.org, охрабрувајќи ги да дискутираат за улогата на НАТО во Авганистан, односите со Русија или родовите прашања во воените операции. Ние ја поканивме и интернет заедницата да дискутира за новиот стратешки концепт онлајн. Во текот на првите шест месеци од 2010 бевме домаќини на онлајн дискусии и разговори со луѓе од семејството на НАТО за да дебатираме како нашиот иден стратешки концепт треба да биде обликуван и на кои прашања треба да се концентрира. НАТО дискусиите за новиот стратешки концепт одекнаа и покажаа дека прашањата за трансатлантската безбедност не смее и не треба да бидат дискутирани од мала заедница на оние кои „ја движат“ одбраната и безбедноста. Како што се приближуваме до НАТО Самитот во Чикаго кој ќе се одржи во мај оваа година, дигитализацијата ќе игра голема улога во нашата комуникативна кампања во текот на подготовките, но и во текот на самиот настан. Ќе дизајнираме специјални страници на Фејсбук, Твитер и специјални листи на Јутјуб на кои ќе може да се види кон што се стреми Самитот. Освен тоа, создадовме и посебна „WE NATO“ платформа која им дозволува на луѓето коишто го користат интернетот коментираат и да пишуваат свои мислења и да комуницираат директно со претставниците на НАТО за теми поврзани со Самитот. Понатаму, група млади луѓе, т.н. НАТО е-претставници се поканети да известуваат директно од Чикаго за Самитот и веројатно, она што е најважно, ќе комуницираме директно со блогерите и новинарите од НАТО земјите-членки, новинари од Русија, Блискиот Исто и тн. Да бидам искрена: не сите земји-членки на НАТО ја сфаќаат потенцијална моќ на социјалните медиуми. Се’ уште има членови во семејството на НАТО кои мислат дека Фејбсук и Твитер се страни за меѓународната дипломатија, но нивниот број е мал во споредба со илјадниците кои ги следат политиките и дејствата на НАТО преку социјалните мрежи. За Алијансата, Фејсбук и сл., не е само прашање „или-или“, туку тоа е надополнување на другите, потрадиционални комуникациски средства. За нивно професионално користење, организацијата треба да има соодветен персонал, финансиски ресурси и уште поважно, добро дефинирана стратегија за социјални медиуми. Ние го направивме сето ова и ќе учиме и ќе се приспособуваме онака како што напредуваме. Нашата цел е да станеме глас од доверба во глобалното село. Сепак, сосема на крај, политичката доверба во Алијансата никогаш не може да се создаде само преку напорите на јавната дипломатија, без разлика дали тие напори се прават онлајн или офлајн. Таа доверба треба да се заработи преку убедливи политики и политички дејства – а токму тоа е она што 28 сојузници се обидуваат да го постигнат заедно секој ден. За повеќе информации за дигиталниот досег на НАТО, посетете ја http://we-nato.org/ Д-р Стефани Бабст е Заменик-асистент на генералниот секретар за јавна дипломатија на НАТО. Во последните неколку години таа е одговорна за комуникациските стратегии на НАТО и енергично го поттикна дигиталниот досег на НАТО. Ставовите претсавени во овој напис се нејзини и не ги отсликуваат официјалните ставови на НАТО. |