Улогата на активната резерва во АРМ Печати
Понеделник, 23 Април 2012 19:20

Меѓународна научна конференција “Улогата на активниот состав и на резервата на вооружените сили во поддршката на нивните мисии и задачи во регионалната и глобална безбедносна средина во 21-от век беше организирана од Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија во Домот на АРМ, Скопје на 23.4.2012 година.



Претседателот на Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија ги поздрави присутните и ја отвори конференцијата.

Свој придонес на овој настан дадоа претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов, министерот за одбрана на Република Македонија, д-р Фатмир Бесими, началникот на генералштабот на АРМ, генерал – мајор Горанчо Котески, поранешни началници на генералштабот, генерали, претставници на сродни организации од регионот, претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија, невладини организации и медиумите.

Конференцијата ја отвори претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов, кој зборуваше за достигнувањето на Република Македонија, 20 години АРМ, улогата на активниот и резервниот состав. Исто така го спомна и наметнатиот спор од јужниот сосед како единствена причина за чекањето на Република Македонија за влез во НАТО.

Втор говорник на конференцијата беше министерот за одбрана, д-р Фатмир Бесими кој зборуваше за активата и резервата и дека тие треба да бидат подготвени да ги исполнат обврските кои се превземени со стратегиските цели. Тој го истакна фактот дека Република Македонија ги исполни сите критериуми за НАТО членство и придонесува во меѓународните мисии предводени од НАТО. Тој ги пофали нашите војници и истакна дека се тие нашите најдобри амбасадори во светот. За земјите од регионот истакна дека тие од земји увозници на мирот прераснаа во земји извозници на мирот.

Следен говорник беше началникот на генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески. Началникот зборуваше за активната трансформација на одбранбениот систем како наша цел. Во текот на овие 20 години АРМ изврши неколку трансформации за да прерасне во професионална армија, која е мобилна и има капацитети за брзо распоредување. Тој истакна дека по примерот на другите армии ќе се гради релацијата помеѓу активниот и резервниот состав на вооружените сили. Кон идната резервна компонента треба да се гледа како на вооружена компонента многу слична на активниот состав.

По отворањето повеќе учесници ги искажаа своите мислења на оваа тема меѓу кои и: бригадниот генерал Gary E. Huffman од командата на НАТО во Неапол, доц. Д-р Методи Хаџи Јанев, бригаден генерал Димче Петровски, првиот НГШ на АРМ генерал потполковник Митре Арсовски и др.

Претседателот на ЕАСМ Лазар Еленовски  истакна дека оваа тема е една од клучните теми за понатамошна трансформација на оружените сили. Тој истакна дека Република Македонија согласно стратешката насока на евро-атлантска интеграција се обврза да го напушти стариот територијален концепт на армијата и гради нова професионална и распоредлива армија способна да се соочи со модерните безбедносни закани. Република Македонија без алтернатива е насочена кон евро-атлантските интеграции и сите реформи, посебно во одбраната ги изврши во согласност и соработка со НАТО. Тој ги потенцира суштинските стратешки придонеси на АРМ и МО за државата, придонесот кон светскиот мир и безбедност  и придонесот на воените реформи кон исполнувањето на критериумите за влез во НАТО, уште во 2008 година.

Во својот говор Еленовски истакна дека уште во 2007 година е донесен Концептот за резервниот состав на АРМ. Република Македонија треба да гради свој сопствен формат на активна резерва приспособен на сопствените потреби.  Тој ја потенцираше потребата за консензус на политичко и воено ниво, донесување на законската рамка и што побрза имплементација на идниот модел на резервиот состав.  Еленовски го заврши своето излагање со потребата за посветување на многу поголемо внимание на ова клучна воена компонента која претставува 20-25% од вкупните оружени сили на АРМ.