Недела, 20 Декември 2009
Претседателот на ЕАСМ, Лазар Еленовски за време на престојот во Атина каде учествува на Конференцијата за новиот стратешки план на НАТО, во организација на атлантската асоцијација од Грција, на покана на најтиражниот грчки весник Елефтеротипија оствари интервју, кое е објавено во денешното издание.
Елефтеротипија: Груевски и Иванов инсистираат на проширување на агендата на дијалог, со додавања на прашањата за националниот идентитет, јазикот итн. Дали мислите дека имаат подготвено сценарио за следните 6 месеци ?
Еленовски: Тоа е интересно прашање што ја открива суштината на процесот. Знаете, во нашата јавност е создаден впечаток дека токму грчката страна ги отвори овие прашања околу идентитетот и јазикот. Тоа е добар доказ како сите овие години функционира овој спор. Повеќе за дома и за домашни политички цели на тие што го водеа отколку да се дојде до вистинско решение. Конкретно прашањето за идентитетот и јазикот во нашата јавност излезе на површина пред две години значи пред Самитот во Букурешт што значи нема ништо со актуелниот претседател Иванов. Во нашата јавност тој беше создаден од други политички структури, тогаш и сеуште актуелни, кои бараа сопствена политичка отстапница на многу погрешна страна за евентуалниот компромис. Потоа таа логика за жал беше прифатена и од претседателот и премиерот. Вие најдобро знаете како тоа се случи на вашата страна.
Елефтеротипија: Кое е Вашето лично мислење?
Еленовски: Мојот личен став е дека за идентитет и јазик не може да се преговара. Тоа се категории, општествени феномени кои по нивната природа не може да се преговара за нив. Идентитетот за кој епистемолошки е многу тешко да се најде дефиниција во секој случај изразува одредена социјална различност, особеност, припадност кон група во временски и просторен смисол. Нелогично е да се преговара за културата на народот за неговите обичаи, носии, песни, историски настани. Тоа е нешто што едноставно се прифаќа како ноторен факт од минатото, а за иднината ние сами треба да си ја одредиме помалку или повеќе идентификувајќи се со минатото. Пред нас е една голема идеја за Европа по која тргна вашиот народ и по која тргнавме и ние, со многу потешкотии стигнавме пред вратите на таа цивилизациска идеја и многу е тешко да знаете дека вашиот прв сосед го попречува тоа. Без разлика на причината, a уште повеќе кога станува збор за нешто од некое далечно минато.
Елефтеротипија: Дали го прифаќате предлогот на г-дин Нимитц за “Република Северна Македонија” и негова ерга омнес употреба
Еленовски: Тоа е добар предлог како компромисно решение за тоа за што е наменет самиот процес во Обединетите нации. Медијаторот Нимиц игра долги години една тешка улога и јас му се восхитувам на неговото трпение и желба која сеуште ја има да се најде решение за спорот имајќи предвид дека не е само прашање на името туку и неговата намена која отвара многу детали околу примената на меѓународното име на државата. Од друга страна Република Македонија под нејзиното уставно име ја признале преку 125 држави во светот и тоа е едно сериозно право но и обврска на мојата земја да го почитува тој факт.
Околу ерго омнес. Имам поинаква дефиниција. Како демократ и човек кој долги години работи на интеграциите и регионалната соработка го почитувам правото на секој човек да се идентификува така како што се осеќа. Значи ако 2,5 милиони грци се осеќаат како македонци јас пред тој факт можам само да се поклонам. Во Бугарија одредени пријатели ми велат дека стотина илјади бугари се чувствуваат македонци јас почитувајќи ги основните демократски принципи ,тоа го прифаќам.И исто така ако мнозинството етничко население и граѓаните во Република Македонија се чувствуваат македонци тогаш и тоа треба да се прифати од сите други. Дополнително што ние друга опција и немаме. И тогаш имате ерго омнес принцип на задоволство на сите.
|