Новиот Стратешки Концепт на НАТО и Југоисточна Европа: Мапа за Алијансата, мапа за регионот Print
Wednesday, 01 September 2010 00:00
There are no translations available.

Билјана Радева, Генерален секретар на ЕАСМОбјавено во Democracy and Security in SEE,
Atlantska Inicijativa, септември 2010 година

Билјана Радева,
Генерален секретар на Евро-Атлантски Совет на Македонија

Преку успешното завршување на обврските и мудро вложените напори на владите од регионот, Југоисточна Европа наскоро може да биде регион на полноправни НАТО – членки


Кога зборуваме за Новиот Стратешки Концепт на НАТО, мора да бидеме свесни за фактот дека тоа е документ кој ќе ја дефинира иднината на глобалните односи во 21-от век во светот во кој живееме.

Во изминатата година, по Самиот на НАТО во Стразбур-Кел, бевме сведоци на интензивна дебата за прашањата околу Новиот Стратешки Концепт. Дванаесетте членови на групата експерти (таканаречениот Комитет на мудреци), предводени од поранешниот државен секретар на САД, Медлин Олбрајт, имаше навистина тешка задача.

Дискусијата околу Концептот е една од најтранспарентните дебати за било кој процес во последниве години. Тоа е дебата која го опфати земјите членки на НАТО, земјите партнери, политичарите, експертите, граѓанското општество, различни тинк-тенк организации, медиумите и обичните граѓани – особено поради отвореноста на Алијансата на интернет и во социјалните мрежи и медиуми на интернет.

Новиот Стратешки Концепт на НАТО треба да исполни многу очекувања. Безбедносните заедници се со погледи вперени кон него. Овој документ треба да расчисти голем број на дилеми и да даде насока за понатамошната улога на Алијансата, како спектарот на операции, видови на наоружување, како и главните безбедносни закани, како и партнерствата кои НАТО ќе ги гради во претстојните години.

На Самитот во Стразбур-Кел во април 2009 година, одржан на 60-годинишнината од основањето на Алијансата, сојузниците му дадоа задача на Генералниот Секретар да создаде работна група која ќе направи нацрт-документ кој ќе служи како основа за Новиот Стратешки Концепт кој треба да се усвои на претстојниот НАТО Самит во Лисабон во ноември 2010.

На 17-ти мај 2010, групата експерти издаде анализа и препораки за Новиот Стратешки Концепт за НАТО насловен „НАТО 2020“ кој ќе служи како мапа за алијансата за наредните 10 години.  Без да навлегувам во премногу детална анализа на опсежниот извештај, ќе нагласам неколку прашања кои се од особено значење за регионот на источна Европа и особено за Република Македонија.

Извештајот на експертите потврди дека основните вредности на Алијансата остануваат исти. На самиот почеток извештајот истакнува дека: „Северноатлантскиот сојуз (НАТО) влегува во втората декада од 21-от век како основен извор на стабилност во овој несигурен и непредвидлив свет. Гледајќи напред, Алијансата има голема основа за доверба. Демократските принципи кои ја создадоа, остануваат исти“.

НАТО е Алијанса која успешно работеше 60 години и не покажа знаци на замор. Сојузниците признаваат дека понекогаш има потреба за поголеми политички консултации за одредени прашања или потреба за дебата, за да може работата на Алијансата да се одвива без тешкотии.

Извештајот нагласува дека „новиот Стратешки Концепт мора да разјасни што НАТО треба да прави за секој сојузник и што секој сојузник треба да прави за НАТО“, со што се потенцира системот на колективна одбрана и безбедност.  Сепак, ова може да се одржи само ако сите земји-членки вложуваат еднакви напори во процесот. Затоа, земјите од Балканот мора да бидат свесни дека приклучувањето кон оваа организација ќе им ги донесе предностите на безбедноста, долгорочниот мир и стабилност во регионот и ќе го поттикне економскиот развој. Во овој поглед, Македонија ги сфати предностите кои може да ги донесе членството во НАТО и затоа ревносно работи на издигнувањето. Македонија ги разбира обврските кои произлегуваат од членството и ова е очигледно во постојаниот напредок во одбранбените реформи и учеството на македонските војници во меѓународните операции. Потврдата од Алијансата и признанијата кои македонските војници ги добија во изминативе години се потврда за успешниот исход.

Промените и неконвенционалните закани се истакнуваат „НАТО 2020“ анализата, како фактот дека Алијансата „мора да се бори со ризиците на понесигурна и сè понепредвидлива природа – вклучувајќи ги делата на тероризмот, распространувањето на нуклеарното оружје и други напредни технологии за вооружување, сајбер нападите насочени кон модерните системи за комуникација, саботажа на енергетските доводи и прекин на критичните поморски рути за снабдување. Често, ефективната одбрана против овие неконвенционални безбедносни закани може да започне и надвор од територијата на Алијансата.“  Фактот дека модерниот свет носи неконвенционални и меѓународни закани е уште еден аргумент дека моделот за колективна безбедност е многу поефикасна алатка за одржување на глобалната безбедност и стабилност.

НАТО има многу работа која треба да ја заврши во поглед на партнерствата низ светот. Алијансата признава дека не може сама да оперира во денешниот свет, свет на нови безбедносни предизвици и асиметрични, неконвенционални закани коишто излегуваат надвор од нејзините граници и стануваат транснационални и непредвидливи. НАТО од 20-от век не е НАТО од 21-век.
Во високо поврзаниот свет, во којшто комуникациите и информатичката технологија поминаа низ една револуција, вооружувањето достигна степен на совршенство, а терористичките мрежи оперираат низ целиот свет, Алијансата е меѓународна алатка за запирање на овие закани и за воспоставување безбедност секаде каде што е потребна. Како држава која има аспирации да се приклучи кон НАТО, Македонија имаше многу придобивки од НАТО во последните години. Членството во Алијансата ќе и ја пружи шансата на Македонија активно да придонесе кон развојот на партнерствата низ светот.

НАТО ќе треба да го разгледа и својот посебен однос со Русија. Алијансата ја дефинира Русија како партнер со кој може да развие цврст дијалог поткрепен со различни договори и планови направени од страна на нивните посебни совети и тела. Сепак, односите не се развиваат како што беше планирано и по скорешните ситуации со Грузија и Украина, останува фактот дека НАТО се уште треба многу да работи во оваа област. Алијансата мора да ја продолжи својата посветеност на развивањето на конструктивни односи со Русија, за коишто признаваат дека во моментов не функционираат најдобро. „ Иако Алијансата не е воена закана за Русија, ниту пак ја смета Русија за воена закана, постојат сомнежи на двете страни за намерите и политиките на другиот. Доследен на НАТО-Русија основачкиот акт, новиот Стратешки Концепт ја потврдува желбата на НАТО да помогне во изградбата на евро-атлантски поредок на соработка кој ќе ја вклучи и безбедносната соработка со Русија.“

Ова прашање долго време виси во воздух  и е јасно дека овој однос бара многу напор за да биде функционален. Изјавите за соработка звучат ветувачки, но мора да се види во пракса дали ова партнерство ќе има видливи резултати, особено имајќи ја предвид стратешката важност на Русија и улогата што ја игра на глобалната сцена.

Алијансата високо ги вреднува партнерствата што ги има со земјите како Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Кореа и други кои ефикасно придонесуваат кон операциите на Алијансата, како онаа во Авганистан, која се уште е најважната мисија.
Алијансата останува доследна на својата политика на отворени врати и на својата обврска, искажана во Членот 10 на Вашингтонскиот Договор – да остане отворена за членство на секоја демократска земја која може да придонесе кон стабилноста на Евро-Атлантскиот регион.

Извештајот „НАТО 2020“ ја потенцира и улогата што НАТО ја одигра во минатото на Балканот. Сепак, регионот останува област која предизвикува загрижување. Преку успешното завршување на темелите и мудро вложените напори на националните влади, овој регион може да се претвори од регион на земји-партнери на НАТО во регион на НАТО земји-членки. Со тоа, ќе се затвори и долготрајното прашање за нестабилноста на Балканот.

Алијансата ја потврдува својата политика да ја прифати секоја земја која ја разбира важноста од интеграцијата во евро-атлантското семејство. Сепак, не треба да се заборави дека кандидатите се мерат според сработеното и дека, додека НАТО пружа поддршка, секоја земја треба да си го изоди патот кон Алијансата – затоа што иднината на земјите од регионот лежи во НАТО. Сосема е јасно дека мисијата за пристапување мора да биде завршена бидејќи нема друга алтернатива.

Анализата на мудрите луѓе на НАТО забележува и дека некогаш има тешкотии во носењето одлуки во алијансата поради фактот дека одлуките на НАТО се носат врз основа на консензус т.е. мора да биде постигнат едногласен договор. Токму ова поттикна одредени мислења во Македонија, која се соочува со нерешеното прашање со Грција за името за приклучување кон Алијансата дека наводни промени во процесот на носење одлуки може да го смени и процесот со кој Македонија би се приклучила кон Алијансата. Сепак, треба да биде јасно дека консензусот ќе биде задржан за носење на најважните одлуки, како оние во Членот 5 кои ги вклучуваат обврските, буџетите, новите мисии или новите членки, што значи дека покана за нови членови ќе биде дадена само кога ќе се постигне консензус.

Интероперативните капацитети на армиите на НАТО, воените и политичките напори и посериозните пристапи кон решавањето на конфликтите и мисиите се многу важни за идниот успех на Алијансата. Затоа, експертите препорачуваат дека Алијансата треба да работи на ефикасно развивање на способностите со мудро користење на буџетот за обука на трупите, редовни консултации и заеднички напори за подобро искористување на ресурсите. Армиите на 21-от век мора да бидат мобилни, флексибилни, лесно распоредливи и интероперативни, за да може да дејствуваат како мултинационална сила под заедничка команда на теренот. Македонија го разбира ова и зеде долгорочна обврска за да ја развие својата армија на тој начин, со 4% од силите присутни во операциите и со амбиција да има 8% распоредени сили со 40% распоредливи капацитети.

Авганистан останува главната мисија на Алијансата. Македонија се посвети на процесот на носење безбедност и воспоставување стабилност во Авганистан како предуслов за градење на функционална држава. Армијата на Република Македонија е доверлив партнер на сојузничките трупи во поголем дел од оваа операција; македонскиот придонес во Авганистан е пофален од страна на Алијансата. Научените лекции и искуството со кое се здобивме во Авганистан е мошне значајно за развојот на одбранбениот сектор во Македонија. Се разбира, ова партнерство во Авганистан е двонасочна улица. Со цел да биде поефективна на терен, Република Македонија инвестираше значителни ресурси во развојот на добро-обучена и опремена, интероперабилна армија која е подготвена да ги преземе обврските како земја-членка. Алијансата е свесна дека Авганистан бара обединети воени и политички напори. Посветена на процесот на стабилизирање и изградба на Авганистан, Македонија ќе треба да ги разгледа приоритетите на Алијансата и да се фокусира на нив во понатамошниот развој на воените и цивилните капацитети.

Светот на 21-от век се развива секојдневно и носи безбедносни прашања кои се дел од општествените процеси како никогаш досега. Анализата „НАТО 2020“, направена од групата експерти јасно ги илустрира грижите на модерниот свет; свет со безбедносни закани и предизвици кои излегуваат од границите и коишто бараат заеднички напори и клучно глобално партнерство за решавање, што значи дека меѓународните прашања за билатералните спорови и домашните проблеми на националните политики припаѓаат на некои други времиња. Светот мора да ги тргне ограничените политички интереси настрана и да биде поодговорен во станувањето дел од глобалното граѓанство.

Алијансата признава дека треба да ги реши внатрешните прашања и поради тоа, се очекува да подлегне на административни реформи, како и промени во моделот за достигнување до јавноста, што рефлектира една од главните вредности на Алијансата – транспарентност и вклучување. НАТО е свесен дека, и покрај 60-годишното постоење, ако сака да биде успешно вклучен во глобалната арена како светска главна безбедносна институција, мора да мине низ процес на трансформација и редефинирање со цел да обезбеди одржливост во се поразновидното опкружување кое се менува. Затоа, дебата за новиот стратешки концепт нема да запре тука и ќе го достигне врвот како што наближува НАТО Самитот на кој ќе се усвои новиот Стратешки Концепт.

Сите овие прашања се отворени и повикуваат на дискусија и заклучоци на следниот НАТО Самит. Новиот стратешки Концепт ќе ги потврди главните вредности и јасната мисија на Алијансата, но глобалните политички односи ќе го дефинираат спектарот и областа на операциите на НАТО во иднина, како и разјаснување на излезните стратегии за завршување на конфликтите кои постојат во моментов.

Зошто овој документ, новиот Стратешки Концепт е важен за Македонија? Поради сите горенаведени причини и поради многу други; заради долгиот, сложен, а понекогаш и мачен пат по кој земјата патува веќе две декади. Со придонесот на Македонија, земјата докажа дека е доверлив и препорачлив НАТО партнер со капацитет да ги прифати предностите, но и да го сподели товарот и одговорностите кои доаѓаат од членството во НАТО – затоа што ги делиме заедничките вредности со евро-атлантската заедница.

Македонија не може сама да се соочи со глобалните закани кои ги вклучуваат нуклеарните оружја, сајбер заканите или природните катастрофи. Заедничкиот напор на сојузниците против било која закана за Македонија ќе биде многу полесен за спроведување доколку Македонија дејствува како дел од Алијансата. Ќе овозможи поголема безбедност со помалку ресурси, предноста на колективната безбедност. Уште повеќе, новиот Стратешки Концепт ќе биде многу важен за Македонија бидејќи ќе понуди насоки за понатамошната трансформација на одбранбената политика, вклучувајќи ги и новите способности кои треба да се развијат, идеалната командна структура, соодветната опрема и видовите на мисии за кои македонската армија треба да биде подготвена.

Македонија е одлучна да стане член на Алијансата. Како идна членка, Стратешкиот Концепт ќе ги обликува идните придонеси на земјата кон глобалната безбедност, бидејќи секој глас во општеството на НАТО е важен. Иако Македонија е мала нација, може гордо да чекори во Алијансата. На овој начин, Македонија ќе биде фактор кој ќе влијае врз глобалните струи во свет кој секој ден е се поразличен.

Токму заради овие причини, Евро-Атлантскиот Совет на Македонија, како членка на АТА е многу активна во дебатата што се однесува до развојот на новиот Стратешки Концепт. Мисијата е јасна: Македонија како членка на НАТО и дел од евро-атлантската заедница. Клучните прашања на концептот, кои ќе ги дефинираат идните операции, цели и насоки за идниот развој на Алијансата, како и рамнотежата на сили на глобално ниво, директно ќе влијае и врз Македонија. Во модерното „глобално село“, силата на една земја, дури и на оние најмалите, придонесува кон силата на големите. Ова е основата на она што не учи Атлантизмот: иако претставуваме различни перспективи, нашата мисија има иста цел – евро-атлантска интеграција на регионот, исполнување на мисијата за Европа која е „цела, слободна и во мир“ и која се води од основните вредности на  слобода, демократија, правда и мир.

Превод од англиски јазик, Стефанија Маџоска

______________________________________________

Транспарентноста на оваа дебата беше очигледна во различните општествени медиуми кои се користат на Интернет и на веб страната на НАТО www.nato.int, како и декларациите во 2010-2011 НАТО Јавна дипломатска стратегија издадена од НАТО во декември 2009.
НАТО 2020: Загарантирана безбедност, динамично дејствување, анализа и препораки на групата експерти за Новиот Стратешки Концепт на НАТО, издадена на 17-ти мај 2010 (http://www.nato.int/cps/en/nato-live/official _texts_63654.htm, 11.06.2010)
Ibid, стр. 5
Ibid, стр. 6
Ibid, стр. 7

[1] Транспарентноста на оваа дебата беше очигледна во различните општествени медиуми кои се користат на Интернет и на веб страната на НАТО www.nato.int, како и декларациите во 2010-2011 НАТО Јавна дипломатска стратегија издадена од НАТО во декември 2009.

[1] НАТО 2020: Загарантирана безбедност, динамично дејствување, анализа и препораки на групата експерти за Новиот Стратешки Концепт на НАТО, издадена на 17-ти мај 2010 (http://www.nato.int/cps/en/nato-live/official _texts_63654.htm, 11.06.2010)

[1] Ibid, стр. 5

[1] Ibid, стр. 6

[1] Ibid, стр. 7

[1] Ibid, стр. 10